мај 2009 | PRoom

Home > мај 2009

мај 2009

Go pink! Или колку сме хумани

17 мај 2009 Category : 3

Напред розово ‘09 беше еден убаво замислен настан, на кој граѓаните на Македонија требаше да потсетат дека се дел од големото светско семејство на борци против ракот на дојката.

Замислен како марш по улиците на Скопје и заедничка журка во паркот, овој настан требаше да не обедини сите за да покажеме дека сме хумани и спремни да им пружаме помош на оние на кои нашата поддршка им значи многу.

Но, на мое големо изненадување, и покрај напорите што ги направија организаторите, настанот не го привлече вниманието на граѓаните, барем не во онаа мера во која јас очекував тоа да се случи.По моја слободна проценка не повеќе од петстотини граѓани решија да им дадат поддршка на организаторите во една ваква племенита акција, а меѓунив најбројни беа претставниците на странските мисии и организации во земјава.

Уставниот суд и пратениците

9 мај 2009 Category : 0

Пратеникот Илија Димовски во својата колумна “блика од среќа“ за позитивните промени што се појавиле во Македонското општество, предизвикани од одлуката на Уставниот суд за укинување на веронауката во училиштата. Како што вели самиот, позитивна последица е тоа што се урнала фамата дека одлуките на Уставниот суд не се коментираат. И продолжува “До сега имаше наметнато мислење кое не се темелеше на никаква одредба од било кој закон или Уставот на Република Македонија, со кое Уставниот суд беше поштеден од окото и коментарите на јавноста. Таквата позиција на судот ни од далеку не личеше на демократски организирана и позиционирана институција. Да не заборавиме дека и членовите на Уставниот суд добиваат плата од буџетот на Република Македонија, што би се рекло од даноците кои граѓаните секојдневно ги плаќаат. Тоа значи обврска спрема јавноста“.

Е, да. Уставните судии земаат плата од граѓаните, но да не припаѓаа и пратениците во таа категорија? Да не треба и тие да одговараат пред електоратот, пред тие што директно ги избрале за да ги застапуваат нивните интереси? Нели треба кога ќе се решат да го стиснат копчето да помислат малку на масата народ која, еден неделен ден, наместо да одмара била присилена или доброволно решила да излезе да гласа, за да си избере претставници во највисокиот законодавен дом?

Е ова е да ти пукне чирот!!!

8 мај 2009 Category : , 0

Барам јас нешто на интернет и налетувам на делот за односи со јавност на Министерството за образование и наука. Тука што да видам. Секој нов пасос започнува со “Министерството за образование и наука Ве известува дека...“ или евентуално “... Ви соопштува дека...“. А на крај задолжително се покануваат СИТЕ медиуми да го проследат настанот.

Се прашувам: Па нели имаше некакви правила за пишување? Да напишев јас ваква покана или соопштение, ќе се појавеше ли некој новинар?

И додека сум цела во прашалници дознавам дека лице за односи со јавност во Министерството бил еден наш познат пејач. Молам??? Па нели има луѓе што знаат барем малку повеќе, да не речам подобро?

ПРофесијата и ПРофесионалноста

5 мај 2009 Category : 0

За да можеме да речеме дека односите со јавност се професија, треба да согледаме:
- Дали односите со јавност се занимање карактеризирано со постојана едукација и специјализиран тренинг;
- Дали се применуваат вештини базирани на теоретски знаења;
- Дали има кодекс на однесување кој го прифаќаат и почитуваат сите;
- Дали постојат здруженија за односи со јавност?

Овие прашања ги поставувам заради тоа што најголемиот број дефиниции под професија подразбираат збир од сите наведени компоненти.

Помеѓу практичарите има широко распространета дебата за тоа дали ПР е професија или не? Многумина кои себе си се нарекуваат “професионалци“ во односите со јавност ќе речат дека тоа е индустрија, во која е потребен висок степен на етика, вештини за справување со медиумите и микс од способности и комуникациски техники. Има и такви кои за ПР луѓето сметаат дека едноставно се “спин доктори“ или “прес агенти“ кои го трошат времето правејќи ги лошите компании да изгледаат добро, наместо да ги направат подобри.

PRoom. Овозможено од Blogger.