Не е ПР се што така се нарекува | PRoom
> Не е ПР се што така се нарекува

Не е ПР се што така се нарекува

Posted on 4 декември 2013 | 2 Comments

Ми кажуваа многумина, ама свесно не сакав да верувам дека сме спаднале на ова дереџе, се додека не се уверив на свои очи. Таканаречените „ПР-и“ во Македонија, без срам и перде, при чиста совест испраќаат електронски пораки до Интернет портали во кои прашуваат колку треба да платат за објава на ПР текст?!?


Прво, без проблем ги викам „таканаречените“ затоа што тие всушност и не знаат што се односи со јавноста. Во спротивно немаше да мислат дека со објавување на еден или два (платени) текста во медиумите за некој клиент (компанија, организација, личност) завршиле бог знае каква работа. Да, можеби моментално, во очите на клиентот ги оправдале парите што ги земаат, но тоа нема ама баш никаква врска со „намерна, планирана и постојана комуникација, која треба да воспостави меѓусебно разбирање помеѓу организацијата и јавноста“.

Второ, сметам дека тие што бараат да платат за некој да им објави текст имаат друг проблем. Тие не знаат да напишаат информација која новинарите ќе ја „проголтаат“ и ќе ја пренесат без при тоа да бараат да им биде платено.

Без посебна желба да држам лекции за односи со јавноста во моментов, а со намера да отворам јавна дискусија меѓу колегите, ќе споделам само некоку добронамерни совети:

  • Ако веќе сте се определиле да работите односи со јавноста, не се однесувајте како на панаѓур. Не е идејата да продадете „три за сто“ туку „едно (ама вредно) за триста“. 
  • Професионализацијата во односи со јавноста (а и во секоја друга област) треба да започне од внатре. Не барајте друг да се занимава со тоа, покажете со вашиот пример.
  • Потрудете се повеќе околу „соопштенијата“. Убаво е чувството ваша информација да биде објавена затоа што е вредна.
  • Добриот ПР е невидлив! Преку ненаметливо делување, добрите односи со јавноста ги преведуваат деловните цели во реални и јасно прифатливи политики и обезбедуваат разбирање со јавноста.

И да, може да објавувате платени текстови, па ако сакате наречете ги и „ПР“ ама само доколку до текстот јасно стои дека тоа е „комерцијален текст“. Чисто, за да не се доведувате во заблуда. 

Comments:2

  1. Гоце Пачемски4 декември 2013, во 16:19

    Се сложувам со тезата. Одлична лекција во делот - основи за односи со јавност (Public Relations). Би се осмелил да го додадам и следново... Токму ваквиот однос (опишан во постот погоре) го урива целокупниот углед и кредибилитет на професијата. Што се вели: После „Цацко“ ни е крив што некои медиуми бараат да им се плати за објава на соопштенијата што ги добиваат, иако за тоа нема никаква логика, бидејќи професионалните соопштенија (Press Release) содржат информации (вести) кои се значајни за јавноста, вклучувајќи ја публиката и читателите на тој медиум, а не претсавуваат бесплатна реклама.

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Гоце, ја отворив темата најмногу заради „нудењето“. Може медиумите бараат да им се плати (не можам да тврдам со мој пример), но во овој случај тоа што е крајно безобразно е што тие сами се нудат да платат. Не знам од кои причини, нели, ама мислам дека не сакале многу да се замараат, па решиле да тргнат по „полесниот пат“.
      Инаку, имаме многу на темава да си зборуваме, а уште повеќе да работиме за нешто да се смени :)

      Избриши

PRoom. Овозможено од Blogger.