Комуницираат ли новинарите и невладините организации? | PRoom
> | | > Комуницираат ли новинарите и невладините организации?

Комуницираат ли новинарите и невладините организации?

Posted on 25 февруари 2011 | No Comments


Пред петнаесетина дена имав можност да присуствувам на одбраната на магистерскиот труд на колешката Илина. Уште пред тоа го имав прочитано целиот труд, па уште еднаш се присетив на еден од заклучоците:
“Новинарите имаат често контакт со претставниците за односи со јавноста од агенциите, компаниите и владините институции и таа комуникација се сведува на неколку пати месечно или почесто во некои случаи. Додека, комуникацијата помеѓу новинарите и ПР лицата во невладиниот сектор се случува многу ретко, скоро никогаш“.

Последната реченица ме стави во недоумица: дали навистина е така и доколку е, зошто е така? Вашите размислувања оставете ги во коментари, а во продолжение следува моето.

Уредниците во медиумите тврдат дека многу ретко, скоро никогаш не комуницираат со ПР лицата во невладиниот сектор. Добро. Во изминатите 9 години, покрај другите тековни активности во една граѓанска асоцијација, во описот на работа ми влегуваше и односи со јавноста, па оттука и контакт со медиумите. Скоро да не паметам да поминала седмица, а јас да не сум имала јавување од новинар за мислење, став, одговор на некое прашање...  Во одредени периоди биле и по неколку на ден. Добро, може мене така ми се погодило. Ама, во последниот месец не еднаш слушнав мислење на Мисев (од ИДСЦС), Здравев (од ЦРМ), Тасева (од Транспарентност нулта корупција),  Булдиоски (од ЦНМ), Стојановски (Метаморфозис), Алексов (МОСТ)... Па нели сите овие се од невладин сектор? Значи комуникација имало. Нешто друго не е во ред со одговорот.

Можам да се согласам дека можеби новинарите немаат контакт баш со ПР лицата во невладиниот сектор, затоа што не така лагодно сите организации можат да си дозволат да имаат лице за односи со јавноста. Најчесто таа улога ја делат два- тројца во организацијата, или пак првиот човек е одговорен за контактот со новинарите. Но, најчесто новинарите пак и бараат мислење и одговор од првиот човек, а не од лицето одговорно за односи со јавноста.

Исто така, можам да се согласам дека е недоволна комуникацијата на релација невладини организации- новинари. Освен да ги повикаат на сопствен настан или конференција за медиуми, најголемиот број од организациите не негуваат систематски односи со новинарите. Екстремно малку организации им нудат на медиумите информации кои пошироко ја тангираат каузата за која се залагаат, многу често се тоа проектни информации, кои пак од друга страна не се интересни за новинарите.

Да сумирам, комуникација новинари- претставници од невладин сектор има и тоа многу често. Прашање е дали новинарите сакаат да признаат дека, кога им е потребно независно мислење, многу често се обраќаат до луѓето од невладиниот сектор. А пак организациите треба да поработат на систематски комуникации со новинарите и да им понудат информации кои ќе им бидат интересни за објавување, а кои и нема баш секогаш да се однесуваат само на проектни активности, доколку сакаат да бидат препознаени и признаени од новинарите. Или можеби грешам?

Leave a Reply

PRoom. Овозможено од Blogger.