јуни 2011 | PRoom

Home > јуни 2011

јуни 2011

Моќта на социјалните медиуми

8 јуни 2011 Category : , , 0


Во Македонија се случи нешто страшно. Токму кога граѓаните требаше да го слават празникот на демократијата, демократијата замина во вечноста заедно со младиот Мартин. Тажно и болно...

Но, без да навлегувам во детали околу настанот (иако длабоко сочувствувам) сакам да дадам еден поинаков осврт на случајот.

Овој немил настан ја покажа вистинската моќ на социјалните медиуми, ја покажа моќта на народот. Да не беше Twitter заедницата (која иако не е многубројна во Македонија, важи за доста влијателна), на која дополнително и се приклучија и корисниците на Facebook, овој настан немаше да биде ни споменат.

Имено, додека прегледував што се објавува околу изборните резултати, некаде после 1,30 часот, по полноќ, налетав на твит (кој за жал не можам да го најдам веќе), во кој беше поставено прашање дали некој знае нешто за момчето што било претепано на плоштад. Според хронологијата на информациите, корисниците на Twitter и 15 часа после тоа, поради немање на други информации, продолжија да “го истражуваат“ настанот. Надлежните институции очигледно сакаа да го забошотат случајот, а традиционалните медиуми не известуваа ништо за истиот.

Но, веста вирално се пренесуваше преку социјалните медиуми и се рашири толку многу, па веќе никој не можеше да остане глув и слеп за истата.  Онлајн заедницата изврши притисок, силен притисок, за да се дознае вистината. И успеа во тоа. Социјалните медиуми уште еднаш ја покажаа својата моќ во постигнување на социјална промена.

Иако многумина (меѓу кои и мои професори и многу влијателни личности) се уште не се убедени дека социјалните медиуми се корисна алатка за споделување на информации, но и за влијаење врз јавното мислење, овој случај го покажа токму спротивното. Покажа дека во време кога секој може да биде креатор на содржина, ништо не може да остане незабележано и затаено. И што е најважно, веста пренесена на Интернет излегува многу подалеку од соседниот двор, оди надвор од границите на државата.

Токму затоа продолжувам силно да верувам во моќта на онлајн медиумите и силно да го застапувам нивното користење во сите (добро осмислени) стратегии за настап пред јавноста, но пред се во кампањите за застапување.

PRoom. Овозможено од Blogger.