април 2011 | PRoom

Home > април 2011

април 2011

Кодекс на однесување на ПРофесионалците

19 април 2011 Category : , , , , 0



Деновиве IPRA (International Public Relations Association) го промовираше својот нов и консолидиран Кодекс на однесување. Иако кај нас не се почитуваат ниту обврзувачките закони и правила, а да не зборуваме за моралните, тие ги поттикнуваат сите нивни членови и им препорачуваат на ПР професионалците ширум светот да се придржуваат до неколкуте постулати, за коишто веруваат дека ќе ја афирмираат ПРофесијата и ќе обезбедат етичко однесување.

Во овој пост би издвоила неколку, коишто ги сметам за особено важни и за коишто сметам дека треба да се преиспитаме, сите ние кои работиме во оваа ПРофесија, до каде сме со нивното почитување:

Односи со јавноста, преку поттикнување на слободен проток на информации, придонесуваат кон интересот на сите засегнати страни; 
Односи со јавноста (ПРофесионалците) се стремат да воспостават морални, културни и интелектуални услови за дијалог и го препознаваат правото на сите засегнати страни да го изнесат својот случај или да го искажат своето гледиште;
Избегнување на ПРофесионални конфликти на интерес и обзнанување на таквите конфликти на засегнатите страни, доколку истите се појават;
ПРофесионалците, нити директно ниту индиректно не смеат да нудат или да даваат финансиски или било каков друг вид на поклон или поткуп на функционери, претставници на медиуми или останати засегнати страни;
ПРофесионалците не смеат намерно да ја напаѓаат професионалната репутација на останатите практичари.

Сакав да потсетам на овие неколку за мене особено важни постулати, бидејќи сме во процес кога кај нас за прв пат треба да се формира еснафско здружение на лица кои работат во областа на односи со јавноста и корпоративните комуникации. Иницијативата е покрената, иницијативниот одбор е формиран и во наредните неколку месеци претстои макотрпен процес на поставување на здружението на вистински темели. Сметам дека е од заеднички интерес да се развие широка, конструктивна и аргументирана дебата за тоа како треба да изгледа структурата на Здружението, кои треба да бидат неговите цели, со што треба да се занимава, но и од кои принципи ќе се води и во таа насока ги повикувам сите кои чувствуваат дека имаат нешто да кажат, тоа искрено да го направат.

За волкот и црните овци

4 април 2011 Category : , , , 0


Не за џабе народот рекол „Човек на човека е волк“, а јас ќе преформулирам малку и ќе речам дека ова особено се однесува на невладините организации. Ако не успее никој друг да ги уништи и да ја девалвира нивната работа, тие самите сигурно ќе успеат во тоа.



Вчера, во некои медиуми, излезе вест дека „Граѓаните ја губат довербата во невладиниот сектор“, заклучок донесен врз основа на некоја анкета. Велам „некоја“ зошто воопшто не пишува ниту кога е спроведена, колку испитаници, методологија... Ништо. За жал, информациите врз основа на коишто ќе го темелам мојот став ги добив од посочениот прилог, затоа што на Интернет страната на организацијата воопшто нема информации за оваа анкета.

Ќе почнам од насловот. „Граѓаните ја губат довербата во невладиниот сектор“ наспроти „Граѓанското општество  во целина бележи умерено зголемена доверба кај граѓаните во споредба со анкетата направана во 2008 година и истата изнесува 48,1 %“, заклучок на истражување спроведено во декември 2010 на национален репрезентативен примерок. За ова нема повеќе да коментирам, одлучете сами на кое истражување ќе му верувате.

Втора констатација: „Во Македонија има 11 илјади и 500 невладини организации“. Може ли да добијам објаснување од каде е податокот? Процесот на пререгистрација на граѓанските организации, согласно Законот за здруженија и фондации, се уште не е завршен и живо ме интересира од каде е бројкава? Прво, ако бројката е точна, веројатно ќе се согласиме дека е многу висока. Но мора да се има предвид фактот дека според истиот Закон се регистрираат и куќни совети, спортски друштва итн., па согласно тоа не станува збор само за невладини организации, како што милуваат да ги викаат граѓанските организации. И второ, дали некој се плаши од голем број здруженија кои имаат за цел да работат за доброто на заедницата и сопственото членство?

И трето: „Во невладиниот сектор годишно се вртат над 50 милиони евра. Само 4 ја имаат привилегијата да трошат над 25 милиони евра...“. Повторно ќе прашам, од каде овој податок? И што е најважно, кои се 4 организации кои „вртат“ една половина од вкупните средства? Ако веќе некој сака да изнесе податок, нека посочи со име и презиме, со назив на организација и сума. Во спротивно, сметам дека ова е само паушално изнесување на шпекулации.

Нема да продолжам понатаму, само ќе речам дека и кај граѓанските организации, како впрочем и секаде, има црни овци, кои постојат само колку да ги има, или се формирани од само за нив познати причини. Но има и такви, кои навистина ја знаат мисијата и целта за која постојат и работат во насока на нејзино исполнување. Нека работи секој како знае и умее, а за тоа дали некој вреди да добие средства и поддршка, на крајот ќе решат донаторите, но пред се граѓаните, кои ќе им веруваат или нема да им веруваат. И да не заборавам, неблагодарно е да ја напаѓаш фелата во која работиш, доколку немаш навистина цврсти и аргументирани докази.

*забелешка: Сликате е позајмена од voiceofwomenindia.blogspot.com

PRoom. Овозможено од Blogger.