мај 2011 | PRoom

Home > мај 2011

мај 2011

Малку боја во црно белиот свет на ПР

31 мај 2011 Category : , , , 0


Изминативе години беа период во кој новинарите, ПРофесионалците (луѓето за односи со јавноста), но и самите граѓани го истражуваа и се привикнуваа на новиот дигитален медиумски екосистем. Од 7 милијарди луѓе на планетата, скоро 2 милијарди се на Интернет, и од нив 500 милиони на Facebook, а 150 милиони на Twitter. Развојот на новите технологии им ги отвори вратите на луѓето слободно да учествуваат во поставувањето на агендата на новости, придонесувајќи кон креирање на различни содржини. Претходно таа привилегија ја имаа само новинарите. Развојот на дигиталните алатки им даде поголема сила на индивидуалците и ги направи помоќни во пристапот до пошироката публика.

Но, очигледно кај нас нештата тешко се менуваат, па не ни се потребни ни силата ни моќта, затоа што не знаеме да ги искористиме. Иако луѓето кои работат во односи со јавноста во многу нешта треба да бидат предводници на иновациите, поотворени за прифаќање предизвици и покреативни, кога станува збор за начините на пласирање на информациите до пошироката јавност, токму тие доцнат во следењето на трендовите.

Иако не сум нашла до сега истражување на оваа тема за состојбата во Македонија (ако знаеш некое слободно сподели го :)) досегашната пракса вели дека односи со јавноста кај нас се уште се практицираат на конвенционален начин. Според истражување направено во Британија, 98% од интеракцијата (испраќање на соопштенија до медиумите) помеѓу ПРофесионалците и новинарите се одвива по email, по што следи телефонски разговор (56%) и комуникација лице во лице (51%). Кај нас поканите и соопштенијата за медиуми се уште се доставуваат по факс.

Додека во Британија 75% од новинарите ги препознаваат социјалните медиуми како значајна професионална алатка, која се повеќе се користи, се сомневам дека кај нас тој процент би изнесувал и 30% (тука секако не мислам на користењето на Facebook како онлајн албум). Уште пак е помал бројот на лица за односи со јавност кои професионално и успешно го користат овој начин на комуникација.

Алатките за социјално вмрежување се идеални за иницирање на директни и неформални контакти со луѓето, со кои имате исти или слични интереси и од кои може да добиете или до кои може да пласирате информација. ПРофесионалците треба да се “одлепат“ од идејата како канал за комуникација со целната јавност да ги користат новинарите (медиумите), туку треба да се стремат информациите да ги пласираат директно до јавноста.


Зошто, ако онлајн односи со јавноста, се исто што и колор телевизор (DDj), ние и понатаму остануваме да го живееме црно белиот свет?

Политичка проституција

18 мај 2011 Category : 0




Се сеќавате ли на една реклама на К-15, во која велеа дека дупките во законот се направени за истиот подобро да функционира? Ситуацијата во Македонија се повеќе потврдува дека биле во право. Зашто ако нема дупки, законот треба да се прекрши за да ги задоволи “потребите“ на политичките играчи.

Ме интересира како може да бараат од граѓаните да ги почитуваат законите, ако тие коишто ги пишуваат и ги гласаат, самите  не си ги почитуваат. Можеа да напишат дека изборната кампања трае еден месец, два месеци, цела година... Никој, ама апсолутно никој не им бранеше. Ама не. Сите тие сложно зеленото копче го стиснаа за предлогот кампањата да се ограничи на времетраење од 20 дена. И? Своите претставувања на програмите и на кандидатите (што по дефиниција претставува изборна кампања) ги започнаа многу порано. Нај различните видови на медиумско и јавно претставување од страна на партиите започна уште со самите шпекулации за распишување на избори, а кога и официјално изборите станаа реалност веќе и да не зборуваме.

Официјалната рамка за изборна кампања е ставена за да можат да се следат парите кои партиите ги трошат, но тоа не ме загрижува, затоа што и онака не знаеме колку и за што трошат. Тоа се чува далеку од јавноста како најголема државна тајна. Ме вознемирува фактот дека и покрај сите кампањи за морал и чесност, и покрај фарсата за пред камери и јавност при потпишувањето на Кодексот за слободни и фер избори, нашите политичари потврдија дека политичката проституција е најстарата професија на светот.

Господа политичари! Не очекувајте народот да ве почитува, придржувајќи се до законите кои вие ги гласате, зашто вие сами не си се почитувате. Разликата е во тоа што вас нема кој да ве казни, затоа што вие сте кадиите, и тужите и судите, па и многу лесно ви е да удрите по народот.

PRoom. Овозможено од Blogger.