декември 2013 | PRoom

Home > декември 2013

декември 2013

Кога новинарите (пре)пишуваат

26 декември 2013 0

Кралицата на Јордан, Ранија, отворила приватен профил на Инстаграм и тоа беше доволно да се најде на страниците на еден (не знам за повеќе) печатени медиуми кај нас. Не разбирам што сака новинарот/ уредникот да постигне со веста, но претпоставувам дека идејата му е да ги поттикне и нашите јавни личности повеќе да ја користат оваа социјална мрежа.

Но, идејата за постов не е да се мешам во уредувачката политика и изборот на теми, туку да посочам како новинарите кај нас (пре)пишуваат.

Сакајќи веста да биде посензационалистичка, уште во воведот од написот се констатира дека „Кралицата успеала за кратко време да придобие 40.000 следбеници...“, податок што лесно може да се провери и демантира. Еден клик на официјалниот профил на Кралицата на Инстаграм ќе ви покаже дека таа има објавено 44 постови и ја следат околу 800 луѓе.

Што би се рекло, тој што ја (пре)пишал веста, не се ни обидел да провери дали тоа што го пишува е вистина или не. Го земал „здраво за готово“ од некаде и си ја пополнил страната во весникот.

Текстот продолжува понатаму, па објаснува фотографии кои воопшто не се ни постирани на Инстаграм, туку се закачени на други социјални мрежи на Кралицата.

Опс... Пред уште да го завршам постов, налетав на уште еден текст на истава тема, препишан од препишаниот, во кој што авторот направил уште поголем гаф:

Screen shot 26.12.2013 во 15:56
И така... новинарството цвета, а Кралицата Ранија има профил на Инстаграм :)

Не е ПР се што така се нарекува

4 декември 2013 2

Ми кажуваа многумина, ама свесно не сакав да верувам дека сме спаднале на ова дереџе, се додека не се уверив на свои очи. Таканаречените „ПР-и“ во Македонија, без срам и перде, при чиста совест испраќаат електронски пораки до Интернет портали во кои прашуваат колку треба да платат за објава на ПР текст?!?


Прво, без проблем ги викам „таканаречените“ затоа што тие всушност и не знаат што се односи со јавноста. Во спротивно немаше да мислат дека со објавување на еден или два (платени) текста во медиумите за некој клиент (компанија, организација, личност) завршиле бог знае каква работа. Да, можеби моментално, во очите на клиентот ги оправдале парите што ги земаат, но тоа нема ама баш никаква врска со „намерна, планирана и постојана комуникација, која треба да воспостави меѓусебно разбирање помеѓу организацијата и јавноста“.

Второ, сметам дека тие што бараат да платат за некој да им објави текст имаат друг проблем. Тие не знаат да напишаат информација која новинарите ќе ја „проголтаат“ и ќе ја пренесат без при тоа да бараат да им биде платено.

Без посебна желба да држам лекции за односи со јавноста во моментов, а со намера да отворам јавна дискусија меѓу колегите, ќе споделам само некоку добронамерни совети:

  • Ако веќе сте се определиле да работите односи со јавноста, не се однесувајте како на панаѓур. Не е идејата да продадете „три за сто“ туку „едно (ама вредно) за триста“. 
  • Професионализацијата во односи со јавноста (а и во секоја друга област) треба да започне од внатре. Не барајте друг да се занимава со тоа, покажете со вашиот пример.
  • Потрудете се повеќе околу „соопштенијата“. Убаво е чувството ваша информација да биде објавена затоа што е вредна.
  • Добриот ПР е невидлив! Преку ненаметливо делување, добрите односи со јавноста ги преведуваат деловните цели во реални и јасно прифатливи политики и обезбедуваат разбирање со јавноста.

И да, може да објавувате платени текстови, па ако сакате наречете ги и „ПР“ ама само доколку до текстот јасно стои дека тоа е „комерцијален текст“. Чисто, за да не се доведувате во заблуда. 

PRoom. Овозможено од Blogger.