За волкот и црните овци | PRoom
> | | | > За волкот и црните овци

За волкот и црните овци

Posted on 4 април 2011 | No Comments


Не за џабе народот рекол „Човек на човека е волк“, а јас ќе преформулирам малку и ќе речам дека ова особено се однесува на невладините организации. Ако не успее никој друг да ги уништи и да ја девалвира нивната работа, тие самите сигурно ќе успеат во тоа.



Вчера, во некои медиуми, излезе вест дека „Граѓаните ја губат довербата во невладиниот сектор“, заклучок донесен врз основа на некоја анкета. Велам „некоја“ зошто воопшто не пишува ниту кога е спроведена, колку испитаници, методологија... Ништо. За жал, информациите врз основа на коишто ќе го темелам мојот став ги добив од посочениот прилог, затоа што на Интернет страната на организацијата воопшто нема информации за оваа анкета.

Ќе почнам од насловот. „Граѓаните ја губат довербата во невладиниот сектор“ наспроти „Граѓанското општество  во целина бележи умерено зголемена доверба кај граѓаните во споредба со анкетата направана во 2008 година и истата изнесува 48,1 %“, заклучок на истражување спроведено во декември 2010 на национален репрезентативен примерок. За ова нема повеќе да коментирам, одлучете сами на кое истражување ќе му верувате.

Втора констатација: „Во Македонија има 11 илјади и 500 невладини организации“. Може ли да добијам објаснување од каде е податокот? Процесот на пререгистрација на граѓанските организации, согласно Законот за здруженија и фондации, се уште не е завршен и живо ме интересира од каде е бројкава? Прво, ако бројката е точна, веројатно ќе се согласиме дека е многу висока. Но мора да се има предвид фактот дека според истиот Закон се регистрираат и куќни совети, спортски друштва итн., па согласно тоа не станува збор само за невладини организации, како што милуваат да ги викаат граѓанските организации. И второ, дали некој се плаши од голем број здруженија кои имаат за цел да работат за доброто на заедницата и сопственото членство?

И трето: „Во невладиниот сектор годишно се вртат над 50 милиони евра. Само 4 ја имаат привилегијата да трошат над 25 милиони евра...“. Повторно ќе прашам, од каде овој податок? И што е најважно, кои се 4 организации кои „вртат“ една половина од вкупните средства? Ако веќе некој сака да изнесе податок, нека посочи со име и презиме, со назив на организација и сума. Во спротивно, сметам дека ова е само паушално изнесување на шпекулации.

Нема да продолжам понатаму, само ќе речам дека и кај граѓанските организации, како впрочем и секаде, има црни овци, кои постојат само колку да ги има, или се формирани од само за нив познати причини. Но има и такви, кои навистина ја знаат мисијата и целта за која постојат и работат во насока на нејзино исполнување. Нека работи секој како знае и умее, а за тоа дали некој вреди да добие средства и поддршка, на крајот ќе решат донаторите, но пред се граѓаните, кои ќе им веруваат или нема да им веруваат. И да не заборавам, неблагодарно е да ја напаѓаш фелата во која работиш, доколку немаш навистина цврсти и аргументирани докази.

*забелешка: Сликате е позајмена од voiceofwomenindia.blogspot.com

Leave a Reply

PRoom. Овозможено од Blogger.