Малку боја во црно белиот свет на ПР | PRoom
> | | | > Малку боја во црно белиот свет на ПР

Малку боја во црно белиот свет на ПР

Posted on 31 мај 2011 | No Comments


Изминативе години беа период во кој новинарите, ПРофесионалците (луѓето за односи со јавноста), но и самите граѓани го истражуваа и се привикнуваа на новиот дигитален медиумски екосистем. Од 7 милијарди луѓе на планетата, скоро 2 милијарди се на Интернет, и од нив 500 милиони на Facebook, а 150 милиони на Twitter. Развојот на новите технологии им ги отвори вратите на луѓето слободно да учествуваат во поставувањето на агендата на новости, придонесувајќи кон креирање на различни содржини. Претходно таа привилегија ја имаа само новинарите. Развојот на дигиталните алатки им даде поголема сила на индивидуалците и ги направи помоќни во пристапот до пошироката публика.

Но, очигледно кај нас нештата тешко се менуваат, па не ни се потребни ни силата ни моќта, затоа што не знаеме да ги искористиме. Иако луѓето кои работат во односи со јавноста во многу нешта треба да бидат предводници на иновациите, поотворени за прифаќање предизвици и покреативни, кога станува збор за начините на пласирање на информациите до пошироката јавност, токму тие доцнат во следењето на трендовите.

Иако не сум нашла до сега истражување на оваа тема за состојбата во Македонија (ако знаеш некое слободно сподели го :)) досегашната пракса вели дека односи со јавноста кај нас се уште се практицираат на конвенционален начин. Според истражување направено во Британија, 98% од интеракцијата (испраќање на соопштенија до медиумите) помеѓу ПРофесионалците и новинарите се одвива по email, по што следи телефонски разговор (56%) и комуникација лице во лице (51%). Кај нас поканите и соопштенијата за медиуми се уште се доставуваат по факс.

Додека во Британија 75% од новинарите ги препознаваат социјалните медиуми како значајна професионална алатка, која се повеќе се користи, се сомневам дека кај нас тој процент би изнесувал и 30% (тука секако не мислам на користењето на Facebook како онлајн албум). Уште пак е помал бројот на лица за односи со јавност кои професионално и успешно го користат овој начин на комуникација.

Алатките за социјално вмрежување се идеални за иницирање на директни и неформални контакти со луѓето, со кои имате исти или слични интереси и од кои може да добиете или до кои може да пласирате информација. ПРофесионалците треба да се “одлепат“ од идејата како канал за комуникација со целната јавност да ги користат новинарите (медиумите), туку треба да се стремат информациите да ги пласираат директно до јавноста.


Зошто, ако онлајн односи со јавноста, се исто што и колор телевизор (DDj), ние и понатаму остануваме да го живееме црно белиот свет?

Leave a Reply

PRoom. Овозможено од Blogger.