Уставниот суд и пратениците | PRoom
> > Уставниот суд и пратениците

Уставниот суд и пратениците

Posted on 9 мај 2009 | No Comments

Пратеникот Илија Димовски во својата колумна “блика од среќа“ за позитивните промени што се појавиле во Македонското општество, предизвикани од одлуката на Уставниот суд за укинување на веронауката во училиштата. Како што вели самиот, позитивна последица е тоа што се урнала фамата дека одлуките на Уставниот суд не се коментираат. И продолжува “До сега имаше наметнато мислење кое не се темелеше на никаква одредба од било кој закон или Уставот на Република Македонија, со кое Уставниот суд беше поштеден од окото и коментарите на јавноста. Таквата позиција на судот ни од далеку не личеше на демократски организирана и позиционирана институција. Да не заборавиме дека и членовите на Уставниот суд добиваат плата од буџетот на Република Македонија, што би се рекло од даноците кои граѓаните секојдневно ги плаќаат. Тоа значи обврска спрема јавноста“.

Е, да. Уставните судии земаат плата од граѓаните, но да не припаѓаа и пратениците во таа категорија? Да не треба и тие да одговараат пред електоратот, пред тие што директно ги избрале за да ги застапуваат нивните интереси? Нели треба кога ќе се решат да го стиснат копчето да помислат малку на масата народ која, еден неделен ден, наместо да одмара била присилена или доброволно решила да излезе да гласа, за да си избере претставници во највисокиот законодавен дом?


Леле, па кај живеам јас. Па не е народот, тој што ги бира, заслужен за нивната позиција. Тие си одговараат пред сопствената партија. Ако рече шефот да се гласа има да се гласа и точка. Нема тука трте- мрте. Па не ќе се замараат со читање купишта страни кои и онака после никој нема ни да ги спроведува, ни да ги почитува.

Не е ни за чудење што на отворените денови на Собранието (настан кој инаку треба да е наменет за граѓаните) истите тие, избирачите, не знаат за кого гласале ниту кој ги претставува. Не е ни важно. Кој и да е зема плата од даноците кои тие ги плаќаат, а работи во интерес на партијата.

Сакав да кажам нешто и за отворените денови на Собранието. Некогаш во рамките на овие денови се одржуваа дебати, трибини, учениците цртаа, граѓаните зборуваа. Оваа година само се шетале и слушале што имаат да им кажат. Како по обичај, немале право на глас. Велат имало и најмала посетеност, а настанот се одржува од 2003. Е па ќе има. Виде ли некој некаква најава, нешто да се спомнеше за тоа? Некакви покани до граѓаните за да дојдат и барем за час да се почувствуваат дека влегуваат во “нивниот дом“. Јас не. Реши претседателот, или некој до него, Собранието само да си ги организира деновите. Пардон денот. Е па убава организација... Ама лоши впечатоци.

Leave a Reply

PRoom. Овозможено од Blogger.