ПРофесијата и ПРофесионалноста | PRoom
> > ПРофесијата и ПРофесионалноста

ПРофесијата и ПРофесионалноста

Posted on 5 мај 2009 | No Comments

За да можеме да речеме дека односите со јавност се професија, треба да согледаме:
- Дали односите со јавност се занимање карактеризирано со постојана едукација и специјализиран тренинг;
- Дали се применуваат вештини базирани на теоретски знаења;
- Дали има кодекс на однесување кој го прифаќаат и почитуваат сите;
- Дали постојат здруженија за односи со јавност?

Овие прашања ги поставувам заради тоа што најголемиот број дефиниции под професија подразбираат збир од сите наведени компоненти.

Помеѓу практичарите има широко распространета дебата за тоа дали ПР е професија или не? Многумина кои себе си се нарекуваат “професионалци“ во односите со јавност ќе речат дека тоа е индустрија, во која е потребен висок степен на етика, вештини за справување со медиумите и микс од способности и комуникациски техники. Има и такви кои за ПР луѓето сметаат дека едноставно се “спин доктори“ или “прес агенти“ кои го трошат времето правејќи ги лошите компании да изгледаат добро, наместо да ги направат подобри.


Некои, како на пример Џексон (Jackson, 1988) тврдат дека односите со јавност се воспоставена професија.

За мене, односите со јавност се ПРОФЕСИЈА, а не само работа.

Ако се согласуваме дека е така, дека односите со јавност се професија, што станува со професионализмот?

Основните елементи на професионализмот се образование, тренинг, искуство, докажани методологии и прифатени и имплементирани стандарди.

Нема да говорам за светот, ќе говорам за Македонија... во време кога има повеќе “експерти“ отколку жители и во време кога односите со јавност се нова можност за вработување.

За мене прифатливо е дека видот на образование (не степенот!) не го чини човека професионалец. Знам дури и полно такви кои имаат завршено “вистинско“ образование, но не се професионалци. Како и да е чекор напред е направен и во формалното и во неформалното образование. Високата школа за односи со јавност на МИМ, насоките на некои факултети во рамките на кои се изучува односи со јавност и постдипломските студии на New York University Skopje, секако придонесуваат кон професионализација на ПР. Тука се секако и Школата за односи со јавност на НВО инфоцентар како и London School of Public Relations кои ги имаат завршено по повеќе од 80 слушатели.

“Тони“ странски пари се инвестирани за ПР тренинзи во Македонија, посебно за цивилниот сектор и државната администрација. И што? Модулите најчесто се основни, ориентирани на односите со медиумите. За оние што веќе ова го знаат, напреден тренинг нема. А тренерите? Моето искуство говори дека тоа најчесто се странци, кои добро ја познаваат теоријата, но немаат никакво познавање од фактичката состојба во државата, или домашни “експерти“- поранешни или сегашни новинари кои знаењето го имаат стекнато преку самоедукација.

Искуството е нешто што се стекнува, со времето, со работата... Викаат најдобро се учело на туѓите грешки. Е арно ама како да размениме искуство, да ги дознаеме грешките и да се пофалиме со успесите? Семинари, конференции, состаноци, речиси и да не се организираат (секоја чест за два- три исклучока), а пишани документи во форма на истражување, извештај или нешто слично, нормално, нема. Освен на неколку блогови, кои со задоволство ги читам, текстови за односите со јавност тешко можат да се најдат.

Но тоа што некако најтешко ми паѓа е што се нема едно здружение, кое ќе се грижи за професијата, за стандардите и за луѓето кои работат во неа. Знам дека нема универзални стандарди за акредитации и лиценцирање и дека различните здруженија во светот си имаат прифатено или развиено различни стандарди. Но, сите тие вклучуваат кодекси на етичко однесување во професијата.

Доволно сум свесна дека ПР е професија со неограничени можности за правење на “вистинските“ работи и со огромен простор за креативност и иновација. Но исто така сум сигурна дека професијата не може да ни се развива во вистинската насока доколку нема барем минимум стандарди кои ќе се почитуваат.

Ќе можеме ли некако да се извадиме од ситуацијата “Се што ти треба за да влезеш во оваа професија е убаво лице (да не речам тело) и да знаеш да склопиш две реченици на Македонски?“?

Leave a Reply

PRoom. Овозможено од Blogger.