Успешна приказна на славната личност | PRoom
> > Успешна приказна на славната личност

Успешна приказна на славната личност

Posted on 24 декември 2009 | No Comments

(упатство за PR)

не ги прифаќај сите покани
за интервјуа, промоции
фотографирање... биди селективна
славна личност

во приказната што им ја раскажуваш
на таблоидите и оние кои тоа сакаат да бидат
кажи нешто тажно, но кажи го со гордост

колку порано во детството тоа ти се случило –
толку подобро. ако некој во семејството имал
тежок проблем, приказната е идеална

по тажното, зачини со малку хумор –
анегдотите од поблиското минато
функционираат најдобро

никогаш не кажувај дека не читаш книги
– освен ако не пееш турбо фолк
или планираш да станеш политичар –

ако веќе се издадеш за книгите
додади дека и покрај нечитањето туѓи
пишуваш своја книга
која, се разбира, ќе биде бум

твоите фанови мора постојано
да бидат потсетувани
колку е богат твојот духовен живот
и за што сè друго те бива:
овде стави: везење, прошетки низ природа,
дрн ова, дрн она, и не заборавај да кажеш –
мир во светот!

спомни дека ги сакаш животните –
многу од твоите фанови
имаат домашни миленици

залагај се за правата на сите
обесправени и непризнаени
општествени групи и идни држави –
мисли на зголемувањето на бројот на фановите
дури и кога се чини дека си на врвот –

на своја страна придобиј ги сите геј друштва,
анти-крзнарите, анти-пушачите, ткн. маргиналци
кои најмногу цицаат од сржта на владите
против кои наводно се борат

мисли на китовите и гладните во светот
додека сркаш суфле во џакузи –
така ќе ти текне како да им помогнеш

а и ако не им – барем имало обид
(потруди се фановите да дознаат)

никогаш не се задоволувај со помалку
од луксуз кој се граничи со распашаност –
покажи дека имаш вкус и кога си славна личност
наконтена како новогодишна елка
(фановите ќе разберат)

спомни дека си бил/а на рехабилитација
за одвикнување од дроги, алкохол, секс,
булимија, анорексија, клептоманија...
или, барем, дека планираш да одиш

твоите фанови биле, се, или ќе одат
на рехабилитација. мисли на нив!

ако терапијата има врска со педофилија,
некрофилија, зоофилија и слично –
гледај да потпишеш договор
за дискреција

запомни:
откако ќе ги совладаш овие вештини
само чекор те дели од политиката

мисли на фановите –
ти им требаш и знаеш што е
најдобро за нив

Од Ноќта е најтемна пред разденување на Игор Исаковски

Leave a Reply

PRoom. Овозможено од Blogger.