Односи со јавноста за почетници | PRoom
> | | | > Односи со јавноста за почетници

Односи со јавноста за почетници

Posted on 21 ноември 2011 | No Comments

Додека светот е години, па и децении напред, во користењето на алатките и техниките за односи со јавноста, ние се уште сме заглавени кај односите со медиумите, користејќи ги како главно орудие за да стигнеме до јавноста. Уште повеќе, многумина кај нас ги поистоветуваат односите со медиумите и односите со јавноста.

Како и да е, односите со медиумите треба да се негуваат, па ако сте се решиле да испратите покана за медиуми и очекувате истите да присуствуваат и да пренесуваат од настанот, барем направете го тоа како што прилега.

Денес налетав на покана која ќе ми биде добар пример за едукација, за како не треба да се пишува покана за медиуми. Еве ја интегрално:
Скопје, 20 ноември 2011
Министерот за информатичко општество и администрација, м–р Иво Ивановски, понеделник21.11.2011 со почеток во 10:00 чaсот ќе одржи прес-конференција за промоција на новиот проект на Министерството за информатичко општество и администрација.

Прес-конференцијата ќе се одржи пред интернет-клубот отворен од страна на Владата на Република Македонија во рамки на Проектот „Светот на дланка“ во Скопје

Интернет-клубот се наоѓа до хотел Бристол.

Покануваме ваши екипи да го проследат настанот.
Е па господа од МИО, еве ви најмалку три причини зошто нашите екипи нема да го проследат настанот:
  1. Недостига еден главниот елемент- зошто баш овој настан заслужува да биде проследен? Тоа што “министерот ќе го промовира новиот проект“ за мене не значи ништо, ако не знам кој е проектот и што се очекува од него. Уште повеќе, ми се појави дилемата дали овој проект е истиот оној во рамките на кој е отворен Интернет клубот, или тоа е сосема друг проект. 
  2. Не знам каде да отидам. Не го знам Интеренет клубот, а адреса немам. Освен ако од сите страни на хотел Бристол нема по една згодна хостеса која ќе ме препознае и ќе ме упати каде да се движам.
  3. Тоа што ќе се случува во 10 часот пред Интернет клубот најверојатно нема да биде конференција за медиуми, туку изјава на Министерот од две- три минути, ако се земат предвид условите, близината на улицата, а богами и ладното време.
П.С. Кога пишувате покана, писмо, документ... задолжително проверете си ги печатните грешки. Во поканата ги има неколку.

П.П.С. Прес конференција е термин кој треба да се исфрли од употреба, зашто сите медиуми не се прес (печатени). Прикладно е да се користи конференција за медиуми, а ако покрај медиумите повикувате и други засегнати страни и граѓани, може да се употреби и конференција за јавност.

Leave a Reply

PRoom. Овозможено од Blogger.